Монтесори летните работилници се организираат, во Монтесори центарот, секој работен ден во предпладневните часови од 8.00 до 12.30 часот.
Забелешка: Децата кои што се пријавуваат за Монтесори летните работилници треба да имаат воспоставено контрола на физиолошките потреби и да немаат проблем во одвојувањето од своите родители или лицето кој што го довело во Монтесори центарот.
Филозофија
Работата на Монтесори центарот е базирана на филозофијата на Марија Монтесори, која преку внимателно набљудување и проучување на детето, разви метод на воспитание и образование што го следи индивидуалниот ритам на развој на секое дете. Поаѓајќи од фактот дека децата најдобро учат преку нивните сетила и преку активен однос со околината, Монтесори училницата е активно место. На децата им се дава слобода да работат по сопствен ритам и да избираат активности кои се во согласност со нивните индивидуални интереси, потреби и способности.
За време на летотот училницата се проширува кон надвор и кон светот околу нас. Нашата цел е да понудиме летни работилници кои кај Вашето дете ќе го негуваат и охрабруваат учењето нудејќи му истовремено и можност за забава и другарување. Летото во Монтесори центарот му нуди можност на детето да избира возбудливи и интересни активности во релаксирачка атмосфера каде тоа ќе може да ја задоволи својата љубопитност и креативност.
Запишување
За да го запишете Вашето дете во нашата програма потребно е да ја пополнете Апликацијата и ја уплатите сумата за посета на работилниците на денот на отпочнување на работилницата (една работилница подразбира активности во текот на цела седмица). Така ќе резервирате место за Вашето дете за седмицата или седмиците кои што ќе ги наведете на Апликацијата. Апликацијата ќе ја добиете откако ќе се обратите на нашиот мail: [email protected] или во просториите на Монтесори центарот.
Доколку поради болест Вашето дете не е во можност во целост да ја посетува наведената седмица, може да посетува активности во некоја следна седмица но тоа мора да го најавите 5 дена однапред.
Цената за посета на работилница во текот на една седмица (понеделник-петок) за едно дете е 1 500 денари. Во цената се вклучни трошоците за доручек на децата, превоз и билети за местата за посети.
Оваа година нудиме можност за запишување за целата програма од напред со попуст. Цената за целата програма е 7 500 денари.
Специјален попуст за деца од исто семејство.
Работилниците ќе се организираат за максимум 17 деца.
РЕЖИМ НА ДЕНОТ
8.00 - 8.30 часот – Прифаќање на децата
8.30 – 8.45 часот – Утрински круг
8.45 - 9.30 часот – Доручек
9.30 - 12.00 часот – Планирана активност (Работа во Монтесори училница; Прошетки и посети; Излети; Кративна работилница)
12.00 до 12.30 часот - Испраќање на децата
Ве молиме да ги носите децата најкасно до 8.30 часот, пред Утринскиот круг. Ако сепак пристигнете после 8.30 Ве молиме да не влегувате во училницата или да се задржувате во ходникот.
Тоа ја попречува активноста на децата.
Прифаќањето и испраќањето на децата мора да бидат направено од страна на Монтесори педагозите. Ве молиме да не го правите тоа без најава.
Доручекот ќе биде организиран во блиските млечни ресторани. А пред да заминат децата ќе можат да се послужат со овошје.
Кај децата сакаме да ја развиеме навиката за здрава исхрана, затоа Ве молиме да не им дозолувате на децата да носат бонбони, чоколада, мастики, грицки, газирани пијалоци или други благи работи.
Програма на Монтесори летните работилници
Програмата за Монтесори летните работиници е креирана и ќе биде реализирана од страна на тим од Монтесори педагози. Високо квалификувани професионалци кои имаат способност кај децата да ги развиваат практичните вештини и да им пренесат академско знаење, но истовремено и да ја развиваат детската независност, самодоверба, одговорност и почит на другите.
ОТКРИЈТЕ ЈА СИНАТА ПЛАНЕТА
Зборот лето асоцира на слобода, забава, топло време и многу, многу вода. Оваа лето ќе го следиме патувањето на Капка.
Прва седмица 17.06 - 21.06. 2013 - Доаѓањето на Сината Планета
Како Капка доаѓа на земјата? Кои се својствата на водата? Што се случува кога Капка ќе се сретне со своите водени роднини?
Втора седмица 24.06 - 28.06. 2013 - Низ брзите реки
Капка го продолжува своето патување. Водените сливови ја носат во поточињата, реките, езерата... Со кого се среќава Капка во реките, а со кого во подземните води? Што е тоа Амазон?
Трета седмица 01.07 - 05.07. 2013 – Добредојде во езерото
Реката ја однела Капка во езерото. Капка се врти на рингишпилот, водениот вртлог и ги среќава разнобојните рибите. Но тука има и предмети што не се живи. Што е тоа? Една река ја донела Капка во езерото, но друга ја носи на понатамошно патување...
Четврта седмица 08.07 - 12.07. 2013 – Во солените води
Солта се налепува на телото на Капка. Зошто е тоа така? Кој живее под брановите? Кој живее во топлите мориња и океани, а кој под мразот на Аљаска?
Петта седмица 15.07 - 19.07. 2013 – Капка и растенијата
Еден убав цвет бара помош од Капка. Таа му дава живот на дрвото, цветот, тревата... Но зошто кактусот не сака многу да се дружи со Капка?
Шестта седмица 22.07 - 26.07. 2013– Капка и човекот
Патувањето ја извалкало Капка. Како човекот ја извалкал и како ја чисти Капка? Чистата Капка влегува во малите пештери што се викаат клетки. Патува со крвта низ човекот, влегува во окото... И капнува една солза. Капка излегува надвор и повторно го почнува своето патување.
Програмата предвидува секоја седмица децата да имаат:
Креативен ден - кога децата ќе истражуваат различни медиуми за креативно изразување. Еднаш тоа ќе биде четката и бојата, друг пат пената, меурчињата, прстите, нозете, шишенцата вода... кои создаваат прекрасни ликовни и музички дела.
Ден на малите готвачи – ден кога децата ќе го изберат рецептот, ќе ги набават потребните намирници, ќе сецкаат, мерат,ќе мелат, сукаат, матат.... и на крај ќе ја постават масата да го дегустираат својот специјалитет.
Ден на авантури – денот кога децата ќе истражуваат водата надвор од Монтесори центарот
Комуникација
Се надеваме дека заедно со Вас ќе му обезбедиме позитивно искуство на Вашето дете. За да го оствариме тоа потребно е да имаме искрена и отворена комуникација. Ве молиме слободно да ни се обратите доколку имате некое прашање или нешто Ве загрижува. Педагозите обично се зафатени со децата или работат на подготовка на околината и можеби нема да се во можност веднаш да разговараат со Вас. Затоа договорете се кога ќе можете да разговарате. За нас е многу важно да одговориме на сите Ваши прашања.
Здравствена состојба
Доколку детето е болно Ве молиме да не го носите на Монтесори работилниците. Здравствената состојба на детето треба да му овозможува да учествува во сите активности, вклучувајќи ги и излетите, прошетките и екскурзиите. Ако кај детето се појавила некоја заразна болест (сипаници или сл.) Ве молиме да не известите, како би можеле да ги известиме и другите родители.
Ве молиме да не известите доколку детето е алергично на некоја храна или убод од инсекти.
Партиципација на родителите
Родители кои имаат можност да учествуваат во активностите со децата се добродојдени. Тие можат да ја споделат со нас својата професија, посебен талент, културни информации или други теми што ќе ги интересираат децата. Поддршката од Вас родителите особено е добродојдена за време на реализацијата на екскурзиите, излетите и посетите.
Забелешка: Дел од фотографиите кои ќе бидат сликани за време на работилниците, може да се искористат за промоција на активностите на Монтесори центарот во брошури, весници и списанија и во електорнските медиуми. Ве молиме доколку не се согласувате со тоа да не известите во писмена форма.
Екскурзии, излети и посети
Најмалку еднаш седмично се планираат активности надвор од Монтесори центарот.
Нашите активности секогаш се насочени кон задоволување на потребите на децата. Една од основните потреби на децата е потребата за движење, затоа секогаш кога сме во можност ќе пешачиме до местото на настанот.
Исто така со цел збогатување на социјалните искуства и вештините за снаоѓање во урбаната средина ќе го користиме градскиот превоз.
Во случаите кога тоа не е возможно ќе изнајмуваме комбе или минибус.
Облека
Монтесори пристапот им овозможува на децата да бидат постојано во активен однос со околината и да бидат вклучени во разни активности. Ние се трудиме да ја заштитиме облеката, но не можиме да гарантираме дека нема да се извалкa. Затоа Ве молиме да му помогнете на Вашето дете да избере облека што нема да го попречува во неговите активности и ќе му овозможи да биде насочено кон активностите, а не кон грижа за облеката.
Ве молиме детето во својот ранец да има резервна облека, чисти обувки за во Монтесори училницата, капa и крем за заштита од сонце.
Дисциплина
Марија Монтесори сметала дека децата имаат потреба и ги почитуваат границите. Ние се трудиме да креираме околина која излегува во пресрет на потребите и интересите на секое дете и која ќе ја намали во најмала можна мера потребата за пренасочување на детето. Кога сепак ќе се појави потреба за пренасочување, внимателно го водиме детето кон поцелисходна активност и однесување. Во посериозните ситуации може да го повлечеме детето на страна или да побараме да остане до учителот, се додека не биде спремно да се врати во групата со однесување кое нема да им смета на другите деца и нема да ја попречува нивната активност.
Се трудиме преку разговор со детето да ја откриеме причината за несоодветното однесување и заедно со него да откриеме посоодветен начин на справување со ситацијата. Ние не сметаме дека детето е „лошо“, тука дека тоа се обидува да ги изразе своите потреби и да го најде своето место во групата. Сметаме дека водењето кон дисциплина всушност е водење на детето кон откривање и развивање на сопствените способности за самоконтрола. Секако соработката со Вас, родителите во овој процес е од непроценлива важност.
Детето секогаш од нас ќе добива љубов, разбирање и прифаќање.