Со задоволство Ве покануваме да го продолжиме нашето „патување“ низ земјите од Европа. Тргнуваме од највисокиот врв во Европа, за да ги запознаеме Алпските земји. Во Швајцарија ќе се искачиме на глечерите, а ќе вкусиме и од прекрасното алпско млеко и сирење. Со надалеку познатите швајцарски возови ќе заминеме кон Австрија за да ѕирнеме во една од најдлабоките пештери во светот. Кон крајот на годината ќе отпатуваме во Лапонија, земјата на Дедо Мраз. Ќе ја посетиме „Земјата на 1000 езера“ - Финска, ќе прошетаме помеѓу фјордовите на Норвешка, а во Шветска ќе се запознаеме со најголемите иновации и пронајдоци. Во Данска ќе се забавуваме во фабриката за ЛЕГО – коцки...
Оваа учебна година понудата на саботни работилници ја збогатуваме и со еден друг, можеби најзначаен сегмент за развојот на децата, а тоа е спортската едукација.
Следејќи го духот на олимпизмот, понесени од впечатоците што ни ги овозможија Олимписките игри, сакаме да дадеме свој придонес кон промоција на спортот кај децата. Во таа насока ќе им понудиме на децата едно поинакво запознавање со различните спортови. Децата ќе добијат многу интересни информации за настанувањето на одреден спорт, како тој се развивал, кои се најпознатите спортисти, светските и олимписките рекорди и слично. Посебен осврт ќе биде ставен и на развојот на спортот во Македонија, познати спортисти, клубови, рекорди и постигнувања.
Главната цел на овие работилници е да се побуди интересот кај децата уште од најрана возраст за тренирање или рекреативно практикување на одреден спорт. Работилниците за спортска едукација се поддржани од Агенцијата за млади и спорт.
Од февруари 2013 година започнуваме и со програма на музички работиници кои имаа за цел да го развијат интересот и љубовта на децата кон класичната музика.
ПРОГРАМАТА ЗА СЕКОЈА САБОТНА РАБОТИЛНИЦА ЈА ОБЈАВУВАМЕ НА НАШИОТ FB ПРОФИЛ
РЕЖИМ НА ДЕНОТ НА САБОТНИТЕ РАБОТИЛНИЦИ
- 10.00-10.30 часот - Прифаќање на децата
- 10.30-12.30 часот - Планирана активност
(Работа во Монтесори училница; Прошетки и посети; Излети; Кративна работилница)
- 12.30-13.30 часот - Подготовка на ужинка и ужинка
- 13.30-14.00 часот - Испраќање на децата
Ве молиме да ги носите децата најкасно до 10.30 часот. Ако сепак пристигнете после 10.30 Ве молиме да не влегувате во училницата или да се задржувате во ходникот. Тоа ја попречува активноста на децата.
Прифаќањето и испраќањето на децата мора да бидат направено од страна на Монтесори педагозите. Ве молиме да не го правите тоа без најава.
Грижата на нашите воспитувачи е секогаш насочена кон децата, затоа Ве молиме Вие погрижете се за што децата донеле од дома.
Монтесори пристапот им овозможува на децата да бидат постојано во активен однос со околината и да бидат вклучени во разни активности. Во текот на активностите децата може да ја извалкат својата облека затоа Ве молиме понесете им резервна облека и чисти обувки за во Монтесори училницата.
Во рамките на работилниците се превидува престој или движење во надворешната средина, затоа Ве молиме децата да бидат соодветно облечени што ќе им овозможи непречено престој и на дождливо и постудено време.
Кај децата сакаме да ја развиеме навиката за здрава исхрана, затоа Ве молиме да не им дозолувате на децата да носат бонбони, чоколада, мастики, грицки, газирани пијалоци или други благи работи.
За децата ќе биде обезбедена ужинка од наша страна.