Забелешка: Децата кои што се пријавуваат за Монтесори летните работилници треба да имаат воспоставено контрола на физиолошките потреби и да немаат проблем во одвојувањето од своите родители или лицето кој што го довело во Монтесори центарот.
Филозофија
Работата на Монтесори центарот е базирана на филозофијата на Марија Монтесори, која преку внимателно набљудување и проучување на детето, разви метод на воспитание и образование што го следи индивидуалниот ритам на развој на секое дете. Поаѓајќи од фактот дека децата најдобро учат преку нивните сетила и преку активен однос со околината, Монтесори училницата е активно место. На децата им се дава слобода да работат по сопствен ритам и да избираат активности кои се во согласност со нивните индивидуални интереси, потреби и способности.
За време на летотот училницата се проширува кон надвор и кон светот околу нас. Нашата цел е да понудиме летни работилници кои кај Вашето дете ќе го негуваат и охрабруваат учењето нудејќи му истовремено и можност за забава и другарување. Летото во Монтесори центарот му нуди можност на детето да избира возбудливи и интересни активности во релаксирачка атмосфера каде тоа ќе може да ја задоволи својата љубопитност и креативност.
Запишување
За да го запишете Вашето дете во нашата програма потребно е да ја пополнете Апликацијата и ја уплатите сумата за посета на работилниците на денот на отпочнување на работилницата (една работилница подразбира активности во текот на цела седмица). Така ќе резервирате место за Вашето дете за седмицата или седмиците кои што ќе ги наведете на Апликацијата. Апликацијата ќе ја добиете откако ќе се обратите на нашиот мail: [email protected] или во просториите на Монтесори центарот.
Доколку поради болест Вашето дете не е во можност во целост да ја посетува наведената седмица, може да посетува активности во некоја следна седмица но тоа мора да го најавите 5 дена однапред.
Цената за посета на работилница во текот на една седмица (понеделник-петок) за едно дете е 1 500 денари. Во цената се вклучни трошоците за доручек на децата, превоз и билети за местата за посети.
Оваа година нудиме можност за запишување за целата програма од напред со попуст.
- Цената за целата програма е 7.500 денари.
- Специјален попуст за деца од исто семејство.
- Еднодневна посета на летните работилници 500 денари.
- Работилниците ќе се организираат за максимум 17 деца.
РАСПОРЕД НА ДЕНОТ
- 08.00 - 08.30 часот - Прифаќање на децата
- 08.30 - 08.45 часот - Утрински круг
- 08.45 - 09.30 часот - Доручек
- 09.00 - 10.15 - Пазар
- 10.30 - 11.30 - Планирана активност (Работа во Монтесори училница; Прошетки и посети; Излети; Ликовна работилница
- 11.30 до 12.00 часот - Испраќање на децата
- МОЖНОСТ ЗА ДОПОЛНИТЕЛНА ГРИЖА ДО 16.00 ЧАСОТ ВО ПРИВАТНАТА ГРАДИНКА ST.PAUL
Ве молиме да ги носите децата најкасно до 8.30 часот, пред Утринскиот круг. Ако сепак пристигнете после 8.30 Ве молиме да не влегувате во училницата или да се задржувате во ходникот. Тоа ја попречува активноста на децата.
Прифаќањето и испраќањето на децата мора да бидат направено од страна на Монтесори педагозите. Ве молиме да не го правите тоа без најава.
Доручекот ќе биде организиран во блиските млечни ресторани. А пред да заминат децата ќе можат да се послужат со овошје.
Кај децата сакаме да ја развиеме навиката за здрава исхрана, затоа Ве молиме да не им дозолувате на децата да носат бонбони, чоколада, мастики, грицки, газирани пијалоци или други благи работи.
Програма на Монтесори летните работилници
Програмата за Монтесори летните работиници е креирана и ќе биде реализирана од страна на тим од Монтесори педагози. Високо квалификувани професионалци кои имаат способност кај децата да ги развиваат практичните вештини и да им пренесат академско знаење, но истовремено и да ја развиваат детската независност, самодоверба, одговорност и почит на другите.
Оваа година програмата ќе биде насочена кон запознавање на различните земји, но низ окото на познатите уметници. Во рамките на летната програма ќе се реализира проектот „Градина на бои – допри ја уметноста“, во соработка со Музејот на современа уметност, поддржан од Министерството за култура. Летото ќе го завршиме со изложба во Музејот на современа уметност.
ПАТУВАЈТЕ СО БОИТЕ
Во музејот во една мала жолта куќа беа поставени многу слики. Некои беа чудни, темни..., на некои имаше нацртани мажи, жени и деца во чудни облеки... Имаше слики со ѕвезди што чиниш треперат, сончогледи во огромна вазна... Слика со цвеќиња од најубавата водена градина и една девојка што каде и да одиш те гледа... Кој ги нацртал овие слики? Каде? Како? А може ли и ние да ги нацртаме?
Дојдете и откријте што ни кажуваат сликите....
Прва седмица 16.06 - 20.06. 2014 - Летаме низ Италија со Леонардо
Мона Лиза од нашиот мал музеј ќе ни ја раскаже приказната за Италија, нејзината култура, народ, игри. Ќе ни го даде рецептот за познатата италијанска пица и сладолед. Еден ден ќе бидеме малите ученици во школата на Да Винчи и ќе твориме како него.
Втора и трета седмица 23.06 - 04.07.2014 - Волшебната цветна градина на Франција
Малата Џули ќе не однесе во цветната градина на Моне и балерините на Дега. Франција ќе ја откриеме со нејзината Ајфелова кула, Музејот Лувр, ќе заиграме на француската шансона. И не би биле вистинска францизи ако не станеме дел од познатите француски готвачи.
Четврта седмица 07.07 - 11.07. 2014 - Низ сончогледовите и афионовите полиња
Загледани во ѕвезденото небо ќе пропатуваме во Холандија, земјата на лалето, ветерниците и Ван Гог. Со момчето Камил, малото другарче на Ван Гог ќе ги играме детските игри во Холандија и секако ќе вкусиме нешто од богатата холаднска храна. А од каде се афионовите полиња?....
Петта седмица 14.07 - 18.07. 2014 – Сјајот на златната боја
Сјајот на златната боја ги привлекува децата и не мами да ја посетиме Австрија и нејзините прекрасни замоци и да го послушаме шумот на Дунав и виенскиот валцер. Ќе ја сушнеме приказната за чичко Климт и...
Шестта седмица 21.07 - 25.07. 2014 – Море од бои
Патувањето го завршуваме во швајцарско германскиото шаренило на Паул Кле. Тоа ќе ни ги открие Швајцарија и Германија, зелените полиња, разните сирења и секако швајцарското чоколадо.
Програмата предвидува секоја седмица децата да имаат:
- Ден во музејот - кога децата, заедно со кустос од Музејот за современа уметност ќе истражуваат по едно дело и користејќи различни ликовни техники ќе ги создаваат делата за следната изложба
- Ден на малите готвачи – ден кога децата ќе бидат познатите готвачи од Франција, Италија, Австрија...
- Ден на малите спортисти
- Ден на тркала и игри
Комуникација
Се надеваме дека заедно со Вас ќе му обезбедиме позитивно искуство на Вашето дете. За да го оствариме тоа потребно е да имаме искрена и отворена комуникација. Ве молиме слободно да ни се обратите доколку имате некое прашање или нешто Ве загрижува. Педагозите обично се зафатени со децата или работат на подготовка на околината и можеби нема да се во можност веднаш да разговараат со Вас. Затоа договорете се кога ќе можете да разговарате. За нас е многу важно да одговориме на сите Ваши прашања.
Здравствена состојба
Доколку детето е болно Ве молиме да не го носите на Монтесори работилниците. Здравствената состојба на детето треба да му овозможува да учествува во сите активности, вклучувајќи ги и излетите, прошетките и екскурзиите. Ако кај детето се појавила некоја заразна болест (сипаници или сл.) Ве молиме да не известите, како би можеле да ги известиме и другите родители.
Ве молиме да не известите доколку детето е алергично на некоја храна или убод од инсекти.
Партиципација на родителите
Родители кои имаат можност да учествуваат во активностите со децата се добродојдени. Тие можат да ја споделат со нас својата професија, посебен талент, културни информации или други теми што ќе ги интересираат децата. Поддршката од Вас родителите особено е добродојдена за време на реализацијата на екскурзиите, излетите и посетите.
Забелешка: Дел од фотографиите кои ќе бидат сликани за време на работилниците, може да се искористат за промоција на активностите на Монтесори центарот во брошури, весници и списанија и во електорнските медиуми. Ве молиме доколку не се согласувате со тоа да не известите во писмена форма.
Екскурзии, излети и посети
- Најмалку еднаш седмично се планираат активности надвор од Монтесори центарот.
- Нашите активности секогаш се насочени кон задоволување на потребите на децата. Една од основните потреби на децата е потребата за движење, затоа секогаш кога сме во можност ќе пешачиме до местото на настанот.
- Исто така со цел збогатување на социјалните искуства и вештините за снаоѓање во урбаната средина ќе го користиме градскиот превоз.
- Во случаите кога тоа не е возможно ќе изнајмуваме комбе или минибус.
Облека
Монтесори пристапот им овозможува на децата да бидат постојано во активен однос со околината и да бидат вклучени во разни активности. Ние се трудиме да ја заштитиме облеката, но не можиме да гарантираме дека нема да се извалкa. Затоа Ве молиме да му помогнете на Вашето дете да избере облека што нема да го попречува во неговите активности и ќе му овозможи да биде насочено кон активностите, а не кон грижа за облеката.
Ве молиме детето во својот ранец да има резервна облека, чисти обувки за во Монтесори училницата, капa и крем за заштита од сонце.
Дисциплина
Марија Монтесори сметала дека децата имаат потреба и ги почитуваат границите. Ние се трудиме да креираме околина која излегува во пресрет на потребите и интересите на секое дете и која ќе ја намали во најмала можна мера потребата за пренасочување на детето. Кога сепак ќе се појави потреба за пренасочување, внимателно го водиме детето кон поцелисходна активност и однесување. Во посериозните ситуации може да го повлечеме детето на страна или да побараме да остане до учителот, се додека не биде спремно да се врати во групата со однесување кое нема да им смета на другите деца и нема да ја попречува нивната активност.
Се трудиме преку разговор со детето да ја откриеме причината за несоодветното однесување и заедно со него да откриеме посоодветен начин на справување со ситацијата. Ние не сметаме дека детето е „лошо“, тука дека тоа се обидува да ги изразе своите потреби и да го најде своето место во групата. Сметаме дека водењето кон дисциплина всушност е водење на детето кон откривање и развивање на сопствените способности за самоконтрола. Секако соработката со Вас, родителите во овој процес е од непроценлива важност.
Детето секогаш од нас ќе добива љубов, разбирање и прифаќање.