Работата на Монтесори центарот е базирана на филозофијата на Марија Монтесори, која преку внимателно набљудување и проучување на детето, разви метод на воспитание и образование што го следи индивидуалниот ритам на развој на секое дете. Поаѓајќи од фактот дека децата најдобро учат преку нивните сетила и преку активен однос со околината, Монтесори училницата е активно место.
За време на летотот училницата се проширува кон надвор и кон светот околу нас. Нашата цел е да понудиме летни работилници кои кај Вашето дете ќе го негуваат и охрабруваат учењето нудејќи му истовремено и можност за забава, другарување и многу креативни активности. Летото во Монтесори центарот му нуди можност на детето да избира возбудливи и интересни активности во релаксирачка атмосфера каде тоа ќе може да ја задоволи својата љубопитност и креативност.
Програма на Монтесори летните работилници
Програмата за Монтесори летните работиници е креирана и ќе биде реализирана од страна на тим од Монтесори педагози. Високо квалификувани професионалци кои имаат способност кај децата да ги развиваат практичните вештини и да им пренесат академско знаење, но истовремено и да ја развиваат детската независност, самодоверба, одговорност и почит кон другите.
Oваа година програмата ќе биде насочена кон запознавање на животот во различните простори и времески периоди од развојот на човековата цивилизација. Во рамките на летната програма ќе се реализира проектот „Градина на бои – допри ја уметноста - 3“, во соработка со Националната галерија на Македонија и Музејот на современата уметност, поддржан од Министерството за култура. Летото ќе го завршиме со изложба во Националната галерија на Македонија. Дел од активностите во рамките на минатогодишнта програма може да ги погледнете во нашата галерија.
НАШИОТ МАЛ ВРЕМЕПЛОВ
Еј Деца нашиот времеплов е подготвен..... Повелете на нашето патување низ времето и просторот..... А што ако се изгубиме? Ќе откриеме ли нови светови? Има ли таму луѓе? Како живеат? Што јадат? Кои се игрите на децата? Какви се куќите? Има ли слики, украси, статуи?
Ајде заедно да откриеме.
Прва седмица 13.06 - 17.06. 2016 – Во тајната пештера
Го започнуваме нашето патување. Факелот ни ја открива карпестата пештера со убавите цртежи. Огнот ќе ни открие како тие настануваат, како живееле луѓето, како се ловело и......
Втора седмица 20.06 - 24.06.2016 – Низ камените улици
Се спуштаме во тесните камени улици. Низ слабото светло на прозорите ќе ѕирнеме на масата. Еден чичко слика голема чинија со јаболка. Во другата куќа девојчината везат. Едно младо момче свири на пијано....Каде сме?
Трета седмица 27.06 - 01.07.2016 – Изгубени во џунглата
Не буди песната на разнобојните птици. Полека поминуваме меѓу огромните дрвја. Што ли крие џунглата? Каде може да се засолниме од огромните капки дожд? А големиот цвет ?????.
Четврта седмица 04.07 - 07.07.2016 – Приказната на индијанскиот оган
Девојката со плетенки ќе не однеси кај мудриот поглавар. Во танцот на Индијанците ќе добиеме инспирација за нашиот тотем.
Петта седмица 11.07 - 15.07.2016 – На рускиот дворец
Се спуштаме во градината со многу фонтани. Преку мермерните скали ќе ѕирнеме во кралските одаи, а мирисот од кујната ќе не привлече понатаму. Но што се случува надвор од дворецот?
Шестта седмица 18.07 - 22.07.2016 – Тајната на афричкото село
Јамбо! Ја напуштивме ладната Русија. Во афричкото село носиме вода и овошје во големите садови на глава. Но зошто децата немаат училиште? Каде им се играките?
Седма седмица 25.07 - 29.07.2016 – Во ормарот на баба
Се враќаме дома но во едно друго време. Баба е млада девојка. Ајде да ги пробаме нејзините фустани. Дедо е младиот чирак во чаршијата и.......
Програмата предвидува секоја седмица децата да имаат:
- Ден на творење - кога децата, ќе креираат инспирирани од познатите уметници во различни средини
- Ден на малите готвачи
Запишување
За да го запишете Вашето дете во нашата програма потребно е да ја пополнете Апликацијата и ја уплатите сумата за посета на работилниците на денот на отпочнување на работилницата (една работилница подразбира активности во текот на цела седмица). Така ќе резервирате место за Вашето дете за седмицата или седмиците кои што ќе ги наведете на Апликацијата. Апликацијата ќе ја добиете откако ќе се обратите на нашиот мail: [email protected] или во просториите на Монтесори центарот.
Доколку поради болест Вашето дете не е во можност во целост да ја посетува наведената седмица, може да посетува активности во некоја следна седмица но тоа мора да го најавите 5 дена однапред.
Цената за посета на работилница во текот на една седмица (понеделник-петок) за едно дете е 1 500 денари. Во цената се вклучни трошоците за доручек на децата, превоз и билети за местата за посети.
Оваа година нудиме можност за запишување за целата програма однапред со попуст.
- Цената за целата програма (7 работилници) е со попуст од 20% (8 400 денари)
- Цената за 6 работилници е со попуст од 10% (8 100 денари)
- Специјален попуст за деца од исто семејство
- Еднодневна посета на летните работилници 500 денари.
- Работилниците ќе се организираат за максимум 17 деца.
РАСПОРЕД НА ДЕНОТ
- 08.00 - 08.30 часот - Прифаќање на децата
- 08.30 - 09.15 часот - Утрински круг и утрински вежби
- 09.15 - 10.00 часот - Доручек
- 10.00 - 11.00 часот - Планирана активност (Работа во Монтесори училница; Прошетки и посети; Излети; Ликовна работилница)
- 11.00 - 12.00 часот – Слободни едукативни, моторни и креативни активности
- 12.00 – 12.30 часот – Послужување овошје и испраќање на децата
Ве молиме да ги носите децата најкасно до 8.30 часот, пред Утринскиот круг. Ако сепак пристигнете после 8.30 Ве молиме да не влегувате во училницата или да се задржувате во ходникот. Тоа ја попречува активноста на децата.
Прифаќањето и испраќањето на децата мора да бидат направено од страна на Монтесори педагозите. Ве молиме да не го правите тоа без најава.
Доручекот ќе биде организиран во блиските млечни ресторани. А пред да заминат децата ќе можат да се послужат со овошје.
Кај децата сакаме да ја развиеме навиката за здрава исхрана, затоа Ве молиме да не им дозолувате на децата да носат бонбони, чоколада, мастики, грицки, газирани пијалоци или други благи работи.
Комуникација
Се надеваме дека заедно со Вас ќе му обезбедиме позитивно искуство на Вашето дете. За да го оствариме тоа потребно е да имаме искрена и отворена комуникација. Ве молиме слободно да ни се обратите доколку имате некое прашање или нешто Ве загрижува. Педагозите обично се зафатени со децата или работат на подготовка на околината и можеби нема да се во можност веднаш да разговараат со Вас. Затоа договорете се кога ќе можете да разговарате. За нас е многу важно да одговориме на сите Ваши прашања.
Здравствена состојба
Доколку детето е болно Ве молиме да не го носите на Монтесори работилниците. Здравствената состојба на детето треба да му овозможува да учествува во сите активности, вклучувајќи ги и излетите, прошетките и екскурзиите. Ако кај детето се појавила некоја заразна болест (сипаници или сл.) Ве молиме да не известите, како би можеле да ги известиме и другите родители.
Ве молиме да не известите доколку детето е алергично на некоја храна или убод од инсекти.
Партиципација на родителите
Родителите кои имаат можност да учествуваат во активностите со децата се добродојдени. Тие можат да ја споделат со нас својата професија, посебен талент, културни информации или други теми што ќе ги интересираат децата. Поддршката од Вас родителите особено е добродојдена за време на реализацијата на екскурзиите, излетите и посетите.
Забелешка: Дел од фотографиите кои ќе бидат сликани за време на работилниците, може да се искористат за промоција на активностите на Монтесори центарот во брошури, весници и списанија и во електорнските медиуми. Ве молиме доколку не се согласувате со тоа да не известите во писмена форма.
Екскурзии, излети и посети
- Најмалку еднаш седмично се планираат активности надвор од Монтесори центарот.
- Нашите активности секогаш се насочени кон задоволување на потребите на децата. Една од основните потреби на децата е потребата за движење, затоа секогаш кога сме во можност ќе пешачиме до местото на настанот.
- Исто така со цел збогатување на социјалните искуства и вештините за снаоѓање во урбаната средина ќе го користиме градскиот превоз.
- Во случаите кога тоа не е возможно ќе изнајмуваме TAXI.
Облека
Монтесори пристапот им овозможува на децата да бидат постојано во активен однос со околината и да бидат вклучени во разни активности. Ние се трудиме да ја заштитиме облеката, но не можиме да гарантираме дека нема да се извалкa. Затоа Ве молиме да му помогнете на Вашето дете да избере облека што нема да го попречува во неговите активности и ќе му овозможи да биде насочено кон активностите, а не кон грижа за облеката.
Ве молиме детето во својот ранец да има резервна облека, чисти обувки за во Монтесори училницата, капa и крем за заштита од сонце.
Дисциплина
Марија Монтесори сметала дека децата имаат потреба и ги почитуваат границите. Ние се трудиме да креираме околина која излегува во пресрет на потребите и интересите на секое дете и која ќе ја намали во најмала можна мера потребата за пренасочување на детето. Кога сепак ќе се појави потреба за пренасочување, внимателно го водиме детето кон поцелисходна активност и однесување. Во посериозните ситуации може да го повлечеме детето на страна или да побараме да остане до учителот, се додека не биде спремно да се врати во групата со однесување кое нема да им смета на другите деца и нема да ја попречува нивната активност.
Се трудиме преку разговор со детето да ја откриеме причината за несоодветното однесување и заедно со него да откриеме посоодветен начин на справување со ситацијата. Ние не сметаме дека детето е „лошо“, тука дека тоа се обидува да ги изразе своите потреби и да го најде своето место во групата. Сметаме дека водењето кон дисциплина всушност е водење на детето кон откривање и развивање на сопствените способности за самоконтрола. Секако соработката со Вас, родителите во овој процес е од непроценлива важност. Детето секогаш од нас ќе добива љубов, разбирање и прифаќање.